„Балкански мажи“ – со смеа и емоции заврши 18. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“

Со претставата „Балкански мажи“ на МониКарт од Нови Сад, во Крива Паланка заврши 18. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“.

Последната фестивалска вечер донесе динамична и темпераментна претстава во која преку хумор, музика и препознатливи балкански ситуации се отворија теми за љубовта, односите меѓу мажите и жените, пријателството и секојдневието во кое, и покрај различностите, лесно се препознаваме.

Пред публиката во Крива Паланка настапи Моника Ромич, која со својата енергија и непосредност ја освои сцената, додека музичкиот сегмент на DJ Војислав Савиќ ѝ даде дополнителна динамика на целата вечер.

Со „Балкански мажи“ фестивалот ја заокружи својата годинашна приказна – исполнета со различни театарски естетики, гостувања од земјата и регионот, исклучителни актерски остварувања и пред сè, средби меѓу уметниците и публиката.

Во изминатите фестивалски денови, сцената во Крива Паланка беше место на кое оживеаја различни приказни, но заедничката нишка беше една – моќта на театарот да нè насмее, да нè замисли и да нè поврзе.

  1. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ заврши, но фестивалските приказни остануваат во сеќавањето на публиката.

До следното фестивалско издание. 🎭