Втората вечер на 18. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка помина во знакот на смеата и доброто расположение, со гостувањето на Уметничката работилница „Призор“ од Белград и комедијата „Комедија на збрката“.
Кривопаланечката публика во НУ Центар за култура проследи динамична и темпераментна булеварска комедија на ситуација, исполнета со брзи дијалози, низа неочекувани пресврти и комични ситуации кои во текот на целата претстава предизвикуваа смеа и аплаузи.
Во режија на Раде Вукотиќ, претставата ја предводеа Јелица Сретеновиќ и Саша Јоксимовиќ, заедно со останатите членови на ансамблот, кои на сцената изградија динамична и добро усогласена актерска игра.
Брзото темпо, одличната актерска хемија и внимателно изградените комични ситуации го задржаа вниманието на публиката од почетокот до самиот крај. Реакциите од салата и долгите аплаузи покажаа дека „Комедија на збрката“ донесе токму она што една добра комедија треба да го донесе – многу смеа, позитивна енергија и момент на опуштање од секојдневието.
Со втората фестивалска вечер, театарската програма во Крива Паланка продолжува да носи различни жанрови, актерски екипи и сценски приказни пред бројната публика.
Фестивалот продолжува вечерва од 19:30 часот, со гостувањето на НУ Театар „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ од Велес и претставата „ТЕСТОСТЕРОН“.








